На интервјуто позицијата звучела како вистински чекор напред: повеќе самостојност, простор за идеи, работа на важни проекти и можност за професионален развој. Кандидатот веќе имал стабилна работа, но токму поради овие очекувања решил да ја прифати понудата.
Неколку недели подоцна, реалноста изгледала поинаку. Наместо самостојност, речиси секоја одлука барала неколку нивоа на одобрување. Наместо проектите за кои се разговарало на интервју, најголем дел од времето поминува на оперативни задачи. А можноста за развој постоела повеќе како идеја отколку како реален план.
По неколку месеци повторно почнал да разгледува огласи...
Една од најчестите причини за разочарување по ново вработување не е платата, ниту тимот, туку разликата помеѓу она што било претставено за време на регрутацијата и она што реално го носи работното место.
На пример, позицијата во огласот е претставена како динамична, со голема самостојност, простор за идеи и вклученост во важни проекти. На интервјуто дополнително се зборува за професионален развој и можност за преземање поголема одговорност.
По започнувањето со работа, сепак, секојдневието изгледа поинаку. Најголем дел од задачите се оперативни, речиси секоја одлука бара одобрение, а проектите и можностите за развој остануваат нешто што треба да се случи „во иднина“.
Тука започнува проблемот!
Во желбата да се привлечат квалитетни луѓе, работните позиции понекогаш несвесно се претставуваат онака како што компанијата сака да изгледаат, а не онака како што навистина изгледаат во моментот.
Но секое ветување дадено во процесот на регрутација создава очекување, а секое неисполнето очекување постепено ја намалува довербата. По неколку месеци, незадоволството лесно може да заврши со ново барање работа.
Тогаш во компанијата често се поставува прашањето зошто новиот вработен толку брзо си заминува, иако можеби поважното прашање е дали реалната слика за позицијата била дадена уште на почетокот.
Затоа добрата регрутација не е онаа во која компанијата успеала да го убеди најдобриот кандидат да ја прифати понудата. Добра регрутација е онаа во која кандидатот точно знаел што прифаќа.
Понекогаш е многу подобро уште на интервју да се каже дека позицијата во моментов има повеќе оперативна работа, дека процесите не се совршени или дека ветената самостојност ќе дојде постепено.
Можеби некој кандидат поради тоа ќе се откаже. Но оној што ќе остане, ќе дојде поради реалното работно место, а не поради неговата идеална верзија.
И можеби токму затоа, пред да кажеме дека „новиот вработен не се вклопи“, вреди да си поставиме едно друго прашање:
Дали вработивме погрешен човек или му претставивме погрешна работа?
_1789976559912.jpg&w=3840&q=75)