Вмрежувањето (networking) веројатно е една од најважните работи на денешницата. Независно од сè поголемата дигитализација на процесите и напредокот на вештачката интелигенција, особено е важно за нас, за нашиот бизнис или услуга да се слушне добар глас.
Важно е да се појавиме на одредени настани каде што се присутни различни општествени чинители и засегнати страни. Исто така, добро е понекогаш кафето да го испиеме надвор, во кафуле или на отворено, со различни луѓе со кои можеме да се поврземе и да оствариме соработка.
Непосредноста и директниот пристап се особено важни за личниот и професионалниот развој, како и за растот на компанијата. Тоа не значи дека треба да бидеме присутни на сите настани (конференции, трибини, семинари) по секоја цена, но е препорачливо да креираме календар на настани кои ќе ги посетиме, каде што ќе го претставиме нашиот производ и ќе зборуваме за него.
Квалитетното претставување на нашиот бизнис носи долгорочни придобивки, а воедно ќе запознаеме нови луѓе и бизниси со кои можеме да го зголемиме нашиот приход и можности.
Оттука, бидете проактивни и креативни, одберете го вистинскиот тим/луѓе со кои ќе се вмрежувате и не заборавајте:
- Споделувајте релевантни информации со другите;
- Останете позитивни во пристапот и претставувањето;
- Членувајте во асоцијации и организации кои овозможуваат национално, регионално и меѓународно поврзување;
- Вмрежувајте се и со сродни, но и со различни бизниси.
Многумина велат дека најдобрата инвестиција е онаа во контакти и релации. Одржувајте ги и секогаш додавајте им нова вредност.
