Декември секогаш е месец кога правиме ретроспектива на сработеното и ги поставуваме целите за следната година. Честопати се преиспитуваме дали сме можеле да направиме повеќе, да бидеме попродуктивни или да заработиме повеќе.
Сите овие прашања се сосема легитимни и претставуваат добра основа за поставување на планови за Новата година. Што се однесува до HR трендовите за 2025 година, тие ќе бидат насочени кон забрзан технолошки развој, поголема грижа за менталното здравје и благосостојбата на вработените, како и транзиција кон флексибилни работни модели.
Голем дел од светските корпорации и компании ќе се насочат кон автоматизација на голем број работни процеси, дополнителна дигитализација на услугите и сервисите, како и зголемена грижа за вработените.
Сведоци сме дека во неколку земји веќе се пилотира четиридневна работна недела — нешто што може значително да го промени пазарот на трудот и економијата на глобално ниво. Иако овие теми можеби изгледаат далечни за македонскиот контекст, трендовите нема да нѐ одминат и домашните компании мора да се прилагодат.
Тоа подразбира континуирано прилагодување, воведување на хибридно работно време и работа од дома, зголемена поддршка за вработените и создавање механизми за заштита на нивното ментално здравје.
