Во домашната јавност, но и во многу други европски земји, веќе извесен период се зборува за потребата од воведување на четиридневна работна недела. Согласно одредени анализи, со овозможување на дополнителен ден за одмор, работниците ќе бидат попродуктивни и помотивирани, а компаниите ќе ја зголемат својата добивка.
Сепак, не може да се донесе еден ист заклучок за сите земји. Оттука, важно е да се напомене дека за ова прашање е потребен дијалог и дебата меѓу сите засегнати страни: синдикатите, стопанските комори, ресорните министерства/Владата, како и граѓанските организации.
Постојат повеќе приватни компании во Македонија кои пристапија пофлексибилно кон ова прашање. Иако можеби целосно не воведоа четиридневна работна недела, сепак им овозможија на работниците еден или повеќе денови во неделата да работат од дома (по сопствен избор и проценка). Со воведувањето на хибридниот начин на работа, бизнисите остваруваат заштеди, а работните обврски се реализираат со истата динамика.
На овој начин, работниците добиваат повеќе време за себе, за грижа за своето физичко и ментално здравје, како и за извршување на приватни обврски кои можат да се реализираат само во работно време (додека работат државните институции: општини, министерства и други органи).
Како тим со долгогодишно искуство во регрутација, мапирање на потребите на работниците и нивно поврзување со работодавците, ве повикуваме да не го игнорирате ова прашање. Направете конкретни чекори, воведете хибриден начин на работа, систем на ротации, скратено работно време во одредени периоди и слично.
Новиот и подинамичен начин на живот наметнува нови правила. Не заборавајте дека со добро управување со времето, квалитетно лидерство и одговорност од сите страни – сè е возможно и остварливо.
