Преквалификацијата не значи дека треба да заборавите се што сте работеле досега и да започнете од почеток. Напротив, искуството што веќе го имате може да биде одлична основа врз која ќе изградите нови компетенции и ќе отворите повеќе професионални можности.
Еден од првите сигнали дека треба да размислите за преквалификација е кога подолг период не можете да пронајдете доволно слободни работни позиции во вашата професија. Наместо постојано да чекате да се појави оглас што целосно одговара на вашето досегашно искуство, погледнете што се бара на пазарот. Кои позиции најчесто се објавуваат? Кои знаења ги бараат работодавачите? Кои вештини ви недостасуваат за да можете да конкурирате?
Одговорите на овие прашања можат да ви покажат во која насока вреди да се развивате.
Причина за преквалификација може да биде и чувството дека сте стигнале до точка во која моменталната професија повеќе не ви нуди доволно простор за напредување. Доколку со години работите на слична позиција, вашите примања стагнираат или едноставно сакате нов професионален предизвик, не мора веднаш да правите радикална промена. Најпрво проверете кои од вашите постојни знаења можете да ги примените во друга област.
Многу професии денес се поврзани повеќе отколку што изгледа на прв поглед. Искуството во продажба може да биде добра основа за развој во "business development" или дигитален маркетинг. Административното искуство може да се надополни со познавање на нови деловни и дигитални алатки. Познавањето финансии може да се комбинира со анализа на податоци, а искуството во комуникација со клиенти може да отвори можности во повеќе различни индустрии.
Затоа, пред да изберете преквалификација, направете реална проценка на она што веќе го знаете. Размислете кои се вашите најсилни страни, што сте научиле низ досегашното работно искуство и кои од тие вештини можат да бидат корисни и на друга позиција. Искористете го времето за да научите нешто ново, да ги надградите своите вештини и да се подготвите за можностите што следуваат.
